Претходна статија
Во Струга ќе се реконструира и адаптира шеталиштето „Корзо“
Следна статија
ИНТЕРВЈУ со Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек: Скопските бараки се ткивото, структурата на овој град

Новиот Универзитетски клинички центар ќе се гради во Бардовци

Објавено на 09.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Нов медицински град, поврзан со скопската обиколница, со нови булевари и улици и со идната градска железница на Скопје. Вака би требало да изгледа Клиничкиот центар што ќе се гради во близина на населбата Бардовци. Владата се одлучи да го стопира проектот кој предвидуваше користење на постојната локација на Водно и најзначајната здравствена установа во иднина да ја префрли на нова локација на периферијата на градот. Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја објасни донесената одлука пред македонската јавност.

 

Тој спомена дека се разгледуваат неколку локации кај Бардовци, а најверојатна за градба е парцелата во близина на Психијатриската болница. Одлуката на владата е направена во консултација, разговори и договор со Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Во овој реон, во Генералниот урбанистички план за објекти од здравството е предвидена вкупна површина од 84 хектари, а дел од земјиштето е во државна сопственост. Првичните анализи покажуваат дека изградбата на новиот Универзитетски клинички центар би чинела околу 420 милиони евра. Министерот Филипче изјави дека еден ваков сложен комплекс би можел да се изгради во период од 4 до 5 години.

 

Владата ќе започне нова постапка за изработка на проектната документација и ќе се бара нов изведувач. Министерот за здравство изрази надеж дека нема да се плаќаат пенали за раскинатиот договор со избраните изведувачи, но и се надева дека Банката на Советот на Европа нема да се откаже од финансирањето на новиот Клинички центар. „Сметам дека поголема инвестиција, сега на почетокот, со цел да го решиме проблемот на квалитетна здравствена услуга во соодветна здравствена установа за граѓаните од цела држава на долг рок ќе биде всушност најевтина. Ова е еден капитален објект, со кој ќе го решиме проблемот на здравствена услуга во следните неколку децении“ изјави министерот Филипче.

 

Од Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ) ја поздравуваат донесената одлука на извршната власт. Од ААМ се задоволни што при изборот на финалното решение беа земени предвид мислењата и сугестиите на стручната јавност. „Изразуваме целосна поддршка за определбата на Владата новиот клинички центар да се гради на друга локација, надвор од центарот на Скопје, што беше заложба на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, како и на неколку генерации врвни архитекти пред нас, кои се залагале за изградба на еден, нов модерен клинички центар по сите светски стандарди“ соопштија од ААМ.

 

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ се незадоволни од конечната одлука на владата. Тие велат дека премиерот Заев и министерот Филипче расипнички се однесуваат со парите на граѓаните, најавувајќи дека ќе потрошат 300 милиони евра повеќе отколку предвиденото со веќе потпишаниот договор. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат одговор зошто македонските граѓани ќе треба да платат оштета за раскинување на веќе готовиот договор. „СДСМ ќе ги остави граѓаните пет години повеќе без современ клинички центар. Власта нема ниту еден разумен аргумент за трошењето на 420 милиони евра во услови кога истиот може да се изгради за околу 120 милиони евра“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

» Форумска дискусија за Клиничкиот центар во Скопје