Општина Струга објави тендер за избор на градежна фирма што ќе ја реализира реконструкцијата и адаптацијата на улицата „Маршал Тито“ (шеталиште „Корзо“). Во план е изведба на ново шеталиште, на кое ќе се постави природен камен на површина од 3.760 метри квадратни. На улицата „Маршал Тито“ ќе се изведе атмосферска канализација, ќе се постават две типски бараки, ново јавно осветлување, жардиниери и урбана опрема. Проценетата вредност на проектот е околу 22 милиони денари, а реализацијата е предвидено да се комплетира во период не подолг од 12 месеци.
Градежните компании имаат рок до 30 март за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка. Главен критериум за избор на најповолен понудувач е најниска цена. Општина Струга уште на почетокот од годинава најави дека ќе го реконструира централното пешачко јадро. Улицата „Маршал Тито“ ќе се реконструира и адаптира во етапи, на потегот од судската зграда до зелениот пазар. Во центарот на градот е планирано да се изгради и саат кула, со што би се зголемил туристичкиот потенцијал на Струга.