Министерството за животна средина и просторно планирање објави тендер за избор на градежна фирма што ќе ги изгради дел од доводните цевководи за водоснабдување на населените места од општина Липково. За реализација на проектот е проценето дека ќе се издвојат околу 102 милиони денари, додека градежните работи на терен би се одвивале во период од седум месеци. Главен критериум за избор на најповолниот изведувач е понудената најниска цена. Фирмите од градежниот сектор имаат рок до 26 март за да ги достават понудите за учество во тендерската постапка.
Со претстојниот зафат ќе се изградат планираните краци од доводните цевководи кон селата Отља, Матејче, Ропалце, Опае, Виштица, Никуштак, Оризаре, Слупчане, Ваксинце и Лојане. За капиталниот зафат во Липково веќе е распишан и паралелен тендер за реализација на останатиот дел од водоводот, кој вклучува изградба на пречистителна станица за вода за пиење, резервоар за селото Липково и довод до постоечката мрежа во ова село. Оваа фаза од капиталниот зафат треба да се изгради до 2019 година и за неа се издвоени 120 милиони денари од државниот буџет.
За капиталниот зафат за изведба на водоснабдителен систем во општина Липково ќе се издвојат вкупно 220 милиони денари. Со проектот ќе се обезбеди чиста вода за пиење од акумулацијата Глажња, од која би се обезбедиле околу 200 литри во секунда за задоволување на потребите на жителите од липковскиот крај.