Советот на општина Струмица на вчерашната седница ја поддржа одлуката за субвенционирање на домаќинствата што планираат да се приклучат на дистрибутивната гасоводна мрежа. Локалната самоуправа обезбеди субвенции во износ од 100 евра за вкупно 50 домаќинства во буџетската 2018 година. Надоместувањето на дел од трошоците за приклучок ќе се врши преку јавното претпријатие „Струмица-гас“, со што ќе се овозможи зголемување на бројот на корисници на природниот гас во градот. Стандардниот надоместок за приклучување на дистрибутивната мрежа изнесува 600 евра.
Струмичката локална самоуправа во изминативе неколку години редовно ги субвенционираше домаќинствата при приклучувањето на дистрибутивната гасоводна мрежа. Секундарната мрежа низ оваа општина се гради секоја година, а во изминатиов период се изведени гасоводни цевки од околу 40 километри.