Расте цената за изведба на градбите за индивидуално домување во земјава. Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување во четвртиот квартал од 2017 година биле повисоки за 4,8% во однос на истиот период од претходната година. Трошоците за материјали се зголемиле за 4,4%, додека трошоците за работна рака се повисоки за 5,8%. Во споредба со третото тримесечје од 2017 година, крајот на минатата година донел зголемени трошоци за 0,8%. Притоа, издатоците за материјали биле повисоки за 0,6%, додека трошоците за работниците пораснале за 1,4%.
Индексите на трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се наменети за преиспитување или мониторирање на трошоците направени од градежните претпријатија при изведбата на вакви градби. Овие статистички податоци им служат на градежниците во калкулациите при склучувањето на градежни договори.