Претходна статија
Исцрпени се субвенциите за купување на печки на пелети
Следна статија
16,5 милиони денари за довршување на реконструкцијата на затворот „Идризово“

Заврши изработката на проектот за изградба на пругата од Крива Паланка до Деве Баир

Објавено на 21.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Со финансиска поддршка од ИПА фондовите на Европската унија е изработена проектната документација за изградба на пругата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, како трета фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија. „Проектот предвидува изградба на електрифицирана пруга во должина од 23,4 километри. На пругата предвидено е да има една станица, една постојка, 23 тунели од кои еден пограничен“ изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес-конференција. Изработката на проектната документација започна кон крајот на 2014 година, а за оваа намена беа издвоени 3,5 милиони евра.

 

 

Врз основа на изготвената документација, проценето е дека железничката пруга Крива Паланка-Деве Баир ќе чини над 350 милиони евра. Државата веќе обезбеди неповратни средства во висина од 60 милиони евра, но останатите средства ќе мора да се бараат од меѓународните финансиски институции. Изградбата на пругата треба да започне во 2021 година, а нејзината реализација да заврши до 2025 година. За овој капитален проект веќе е изготвена и Студијата за оцена на влијанијата врз животната средина и социјалните аспекти од нејзината изградба, со што во целост се комплетирани сите неопходни документи.

 

Министерот Сугарески напомена дека реализацијата на трите фази од пругата кон Бугарија ќе се одвива етапно. До 2019 година треба да заврши веќе започнатата изградба на делницата од Куманово до Бељаковце, а годинава треба да се избере изведувач за втората фаза на пругата од Бељаковце до Крива Паланка. За третата фаза од железничкото поврзување со Бугарија најпрво ќе треба да се обезбедат финансиските средства, по што би следувало објавувањето на меѓународен тендер за избор на најповолен изведувач.