Претходна статија
Во Куманово ќе се градат три монтажни паркинг гаражи
Следна статија
Ќе се гради атмосферска и фекална канализација на „Московска“ и „Александар Урдаревски“

Град Скопје ќе уреди и реконструира над 48.000 метри квадратни зеленило

Објавено на 21.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Скопските градски власти, во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“, ги продолжуваат активностите за зазеленување на градот и деновиве подигаат и реконструираат повеќе зелени површини на 14 локации. Од Град Скопје информираат дека вкупната површина која хортикултурно ќе се уреди и реконструира е 48.664 метри квадратни, за што Градот Скопје ќе вложи околу 38,1 милиони денари.

 

*Уништеното скопско зеленило ќе биде обновено; Извор на фотографии: Град Скопје.

 

Во моментов се работи на неколку локации: булевар Видео Смилевски Бато, во близина на Рамстор (реконструкција на тревна површина од 2.410 метри квадратни), улица Втора македонска бригада, на потегот од раскрсницата со улицата Кемал Сејфула до кружниот тек (површина од 3.020 метри квадратни), улица Македонско-косовска бригада (нова тревна површина од 3.920 метри квадратни), булевар Христијан Тодоровски Карпош (површина од 1.700 метри квадратни), булевар Србија, на потегот од сервис „Скендеровски“ до улицата Христо Татарчев (површина од 1.600 метри квадратни) и просторот меѓу булеварот Борис Трајковски и улицата Народни херои (зелен плоштад од 4.500 метри квадратни).

 

Од Град Скопје велат дека во моментов се работи и на две локации во Градскиот парк: спроти ресторанот „Канет“ и езерцето кај Стадионот со површина од 4.400 метри квадратни и површината пред фонтаната „Лотосов цвет“ и влезот во Градскиот парк на површина од 1.900 метри квадратни. На овој дел ќе се засадат 200 украсни грмушки, перени и листопадни садници со кои ќе се дополни постојниот дрворед.

 

Воедно, градските власти информираат дека во наредниот период ќе се започне со реконструкција и уредување на дополнителни зелени површини, и тоа: јавна површина околу куќата на Личеноски и потегот под тврдината Кале (2.319 метри квадратни), паркот зад објектот на МКЦ (4.585 метри квадратни), јавна површина над надвозникот за Црниче (1.110 метри квадратни), просторот околу Музејот на современа уметност (8.260 метри квадратни), просторот спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ (зелен плоштад од 3.550 метри квадратни), а нови јавни површини ќе се подигнат меѓу улиците Јордан Мијалков и Павел Шатев (5.390 метри квадратни).

 

На сите локации на кои ќе се уреди и изведе зелена површина, Градот Скопје планира да постави или да ја реконструира хидратантската мрежа и прскалките за полевање на зеленилото.