Претходна статија
Пропадна тендерот за реконструкција на 13 училишни објекти низ земјава
Следна статија
Реконструкцијата на улица „Александар Урдаревски“ во Бутел ќе чека подобри времиња

Штип ќе добие проект за дистрибутивна гасоводна мрежа

Објавено на 19.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општина Штип денеска го објави огласот за избор на проектант што би ги изработил идејниот и основниот проект за дистрибутивна гасоводна мрежа во овој град. Со претстојната документација би се покрил идниот секундарен цевковод за транспорт на природниот гас до штипските домаќинства и индустриски капацитети. Подземната мрежа е предвидено да има должина од 20 километри, а самата изработка на идејниот и основниот проект би се реализирала во период од 12 месеци.

 

 

*Од изведбата на секундарната гасоводна мрежа во Струмица; Фото: Општина Струмица.

 

Идејниот проект за секундарната гасоводна мрежа би бил изготвен во рок од 4 месеци. По неговото усвојување и одобрување, избраната проектантска куќа би пристапила кон изготвување на основниот проект. Проектот за инфраструктура за идната дистрибутивна мрежа не е составен дел од оваа тендерска постапка. Од штипската локална самоуправа процениле дека изработката на идејниот и основниот проект за секундарната гасоводна мрежа ќе чини околу 5,8 милиони денари. Заинтересираните компании имаат рок до 12 март за да ги поднесат своите понуди за учество во тендерската постапка.

 

Паралелно со изработката на проектната документација, општина Штип годинава ќе изврши и ревизија на физибилити студијата за гасификација на градот. Главната цел на општинското раководство е тековната година да се искористи за подготвување на документацијата, со што би се овозможило во 2019 година да започне поставувањето на првите гасоводни цевки во градот. Природниот гас во Штип пристигна пред две години со изведбата на магистралниот гасовод од кумановското село Клечовце до Штип. Мерно – регулаторната станица е изградена во непосредна близина на градот, со што се стекнати предуслови за развој на секундарната гасоводна мрежа низ Штип.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk