Наместо да се зголемува обемот на работа на странските пазари, македонските градежни компании стануваат зависни од работењето на малиот домашен пазар. Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари – декември 2017 година, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 2.306.602.000 денари, што е за 19,8% помалку во споредба со истиот период од претходната година. Најголемо намалување на договорените градежни работи е забележано во Босна и Херцеговина, каде што компанијата „Гранит“ од Скопје во изминативе години беше активна на изградбата на босанските автопати.
Наспроти ова, зголемување на договорените градежни работи во текот на 2017 година е забележано на пазарите во Германија и Холандија, но со обем значително помал од проектите договорени за Босна и Херцеговина. Во наведениот период, градежната оператива од нашата земја во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 1.557.662.000 денари, што е за 37,2% помалку во однос на истиот период од претходната година. Зголемен обем на извршени градежни работи е забележан во Холандија, но на сите други странски пазари е забележан негативен тренд. Особено загрижувачки е намалувањето од 41% на извршените градежни работи во Босна и Херцеговина, која воедно е и најзначајната земја каде што македонските градежни компании работеа во изминатиов период.