„Делфина Турс“ планира да го гради првиот трговски центар во Охрид. Проектот „Охрид Мол“ ќе се гради веднаш до новата меѓуградска автобуска станица, која во моментов се гради од овој инвеститор. Станува збор за трговски центар на две нивоа со повеќе од 50 локали, кој ќе се простира на површина од околу 19.000 метри квадратни. За посетителите на објектот ќе биде обезбеден подземен и надземен паркинг. Изградбата на проектот „Охрид Мол“ веќе е започната, а неговото отворање е предвидено за април 2019 година. Во новиот трговски центар во Охрид ќе се инвестираат 10 милиони евра. Еден од првите закупци на простории во трговски центар се грчкиот ланец на супермаркети Веро и продавниците Џамбо.
„Делфина Турс“ во мај 2015 година ја купи локацијата на која се наоѓа меѓуградската автобуска станица. За земјиштето со површина од 11.997 метри квадратни плати околу 680 илјади евра. Објектот на автобуската станица веќе е во завршна фаза од изведба. Градежната маркичка во урбанистичкиот план предвидува објект со бруто површина од 58.367 метри квадратни, од кои 30% беа наменети за компатибилни класи на намена. Заедно со автобуската станица, инвеститорот се одлучи на оваа локација да изгради и трговски центар.