Албанското Министерство за инфраструктура и енергетика го потпиша договорот за изградба на автопатот „Патот на Арбр“, со кој меѓународниот патен Коридор 8 би се поместил од граничниот премин „Ќафасан“ на преминот „Блато“ кај Дебар. Автопатската врска ќе се гради во наредните три години и ќе чини 240 милиони евра. За изведувач на градежните работи е избрана компанијата „Ѓока конструсион“. Со автопатското поврзување меѓу Македонија и Албанија ќе се овозможи скратување на досегашната патна врска за околу 100 километри од албанска страна.
Иако со новиот проект ќе се намали времето на патување меѓу Тирана и Дебар, тој ќе отвори сериозни проблеми за македонската влада во иднина. Во изминативе години се гради автопатската делница од Кичево до Охрид, а финансиски заем веќе е подигнат и за планираната автопатска делница од Требеништа до Струга. Всушност, нашата земја во изминативе неколку години работеше на реализација на старата траса од патниот Коридор 8, со кој автопатското поврзување меѓу двете земји беше предвидено на граничниот премин „Ќафасан“ кај Струга.
Новиот автопат од Дебар кон Гостивар би минувал низ Националниот парк „Маврово“, со што би се појавила опасност од уништување на богатиот диверзитет во овој дел од земјава. Неколку енергетски проекти беа прекинати во изминативе години, токму поради опасноста од уништување на природата на територијата на општините Маврово и Дебар. Сепак, најголемиот предизвик за идниот проект би биле стотиците милиони евра што ќе треба да ги одвои нашата земја за планирање и изведба на втора автопатска делница од Гостивар до Дебар, која би требало да се гради паралелно со веќе планираниот автопат од Гостивар до Кичево.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk