Македонија и Бугарија ќе се поврзат со нов експресен пат, со кој значително ќе се скрати времето на патување меѓу Скопје и Софија. Со почетокот на градежната сезона ќе стартува и изградбата на патниот правец од Ранковце до Крива Паланка. Станува збор за целосно нова траса со должина од 23 километри, која е поделена на две подделници. Првата подделница од Ранковце до Длабочица ќе ја гради италијанската фирма Tirrena Scavi. „За втората подделница од Длабочица до Крива Паланка во должина од 9 километри во тек е процедура за одобрување на изведувач од страна на Светска банка“ информираат за „Билд“ од Јавното претпријатие за државни патишта.
*Постојниот магистрален пат Куманово – Крива Паланка
Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка е предвидено да се изгради во рок од три години. Инвестицијата во овој капитален зафат изнесува 58,1 милион евра, кои се обезбедени преку подигнатиот кредит од Светска банка. Од ЈП за државни патишта велат дека годинава е планирано да се избере и економски оператор за изработка на проектна документација за идниот експресен пат од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Неговата изградба е вклучена во среднорочниот план на ова јавно претпријатие.
Во меѓувреме, Европската банка за обнова и развој има ставено на располагање 12 милиони евра за реконструкција на постојниот патен правец Крива Паланка – Деве Баир во должина од 13,5 километри. Со реализацијата на овие планирани зафати во целост ќе се обезбеди побрза и поефикасна патна врска меѓу двете соседни земји.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk