Во Ресен во наредните седум месеци ќе се работи на втората фаза од доградбата и реконструкцијата на водоводната мрежа. Министерството за транспорт и врски кон крајот на јануари потпиша договор со струшката фирма „Маркоски К 73“ за реализација на овој проект. За довршување на водоводот во Ресен се издвоени 8.797.581 денари од државниот буџет. Во тендерската постапка учествувале 13 градежни компании, а самиот тендер беше распишан на почетокот од октомври 2017 година.
Изведбата на втората фаза од овој проект ќе значи обнова на водоводната мрежа во Ресен. Самиот проект во градот стартуваше во 2016 година, кога беа заменети азбестни водоводни цевки во должина од осум километри.