Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска го потпишаа договорот за спроведување на ИПА проектот „Подобрување на инфраструктурата за отпадни води во градот Скопје“. „Со овој проект е предвидена изградба на главните колектори на десниот и левиот брег на реката Вардар во подрачјето на градот Скопје со што ќе се изврши затворање на неколку испусти на отпадна вода што директно се изливаат во реката Вардар во централното градско подрачје и општина Аеродром“ изјави министерот Дураки.
Тој дополни дека со изведбата на колекторскиот систем ќе се создадат предуслови за подигање на централната пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Проектот за изведба на колекторскиот систем е во вредност од 10 милиони евра и е финансиран од средствата на Европската Унија и од државниот буџет на земјава. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека проектот ќе ја заштити реката Вардар од досегашното загадување на нејзините води, а заложбите на Град Скопје се водите на Вардар повторно да ја добијат својата природна боја.
Македонската влада се обврза најдоцна до 2020 година да ја започне изградбата на централната пречистителна станица за отпадни води на град Скопје, која ќе биде еден од најзначајните капитални инвестиции за македонската метропола во наредниот период.