Претходна статија
Ако се гради во Бардовци, новиот Клиничкиот центар би чинел и до 500 милиони евра
Следна статија
Во Кочани се продаваат 14 парцели за фабрики и викендички на Пониква

Македонија најдоцна денес треба да одговори на критиките на УНЕСКО за градежните проекти во Охрид

Објавено на 01.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Ако не сака Охрид да се впише на Листата на Светско наследство во опасност, македонската влада заклучно со денес треба да поднесе Извештај за напредок во имплементацијата на препораките од Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, која минатата година беше испратена во земјава за да изготви извештај со препораки. Од невладината „Охрид СОС“ информираат дека до 1 февруари истекува првиот рок за доставување на извештајот, определен од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Од организацијата потенцираат дека треба да е постигнат напредок во вкупно девет точки од страна на централната и локалната власт.

 

Меѓу најзначајните барања на УНЕСКО се трајно отфрлање на идејата за изградба на скијачки центар во Националниот парк Галичица и прекин на активностите за изведба на новиот експресен пат од Охрид до Свети Наум. Истовремено, од македонските власти се бара да се прогласи мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, и тоа до изработката на сите релевантни плански документи, прифаќање на соодветна правна регулатива и воспоставување на ефикасна контрола. Воедно, УНЕСКО бара да се сопре процесот на легализација на бесправно изградените објекти, но и ригорозно да се применуваат законите за спречување на секакво нелегално градење.

 

 

Поставените точки од страна на УНЕСКО ќе значат сериозни промени во досегашната градителска практика во Охрид, но и бараат заеднички напор на централната власт и локалната самоуправа за да се спречи можноста градот да се избрише од листата на Светско наследство на УНЕСКО. Од Охрид СОС бараат од владата да ги информира граѓаните во врска со извештајот што треба да биде испратен до УНЕСКО. Воедно, од невладината организација бараат транспаретно да се објават мерките со кои на Охрид би му се гарантирал статусот на Светско природно и културно наследство.