Со информатички систем ќе се определува потрошувачката на енергија од Македонски железници, со што во иднина би можело да се намалат трошоците на ова државно претпријатие. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го објави меѓународниот тендер за набавка на хардвер за новиот систем за управување со енергијата во Македонски железници – Транспорт и Македонски железници – Инфраструктура. Со постапката ќе се набавува информатичка опрема, решенија во подвижни електрични уреди, решенија во подвижни дизел уреди, решенија во фиксни електрични уреди и решенија во фиксни дизели уреди во сопственост на двете железнички претпријатија.
*Македонски железници е еден од најголемите потрошувачи на енергија во земјава
За остварување на милионската зделка би се употребиле дел од средствата од веќе подигнатиот заем во ЕБОР. Компаниите што се заинтересирани да го имплементираат идниот интегриран систем за управување со енергијата имаат рок за доставување на понудите најдоцна до 21 март. ЕБОР го објави известувањето за набавката на овој систем уште на почетокот од октомври 2017 година.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk