Уставниот суд на денешната седница донесе одлука за поништување на донесената одлука на Советот на општина Центар од 22 март 2017 година за поништување на четири урбанистички планови од центарот на Скопје, вклучувајќи го и ДУП „Мал Ринг“. Ова значи дека уставните судии го вратија во сила ДУП „Мал Ринг“ од 2012 година, со кој се имплементираше контроверзниот проект „Скопје 2014“. Од Општина Центар лани објаснија дека локалната самоуправа може во било кој момент да поништи одреден урбанистички план, особено ако станува збор за земјиште во сопственост на државата и објекти од јавен карактер.
Сепак, уставните судии не се согласуваат со ваквото толкување на одлуката. Враќањето на усвоените урбанистички планови од времето на ВМРО-ДПМНЕ тие го објаснуваат со фактот дека единствено Уставниот суд може да поништува и да укинува детални урбанистички планови. Судиите во своето образложение посочуваат дека општините имаат овластувања да донесуваат урбанистички планови, а доколку сметаат дека некои од нив не се во ред, тогаш општинските власти можат да ги менуваат ДУП-овите.
Покрај поништувањето на одлуката за поништување на ДУП „Мал Ринг“, Уставниот суд со денешната одлука ги врати во сила и старите урбанистички планови за Голем Ринг – Јужен дел – Запад, Голем Ринг – Јужен дел – Исток и Централно зеленило покрај река Вардар – јужен дел.