Претходна статија
Општина Аеродром ќе гради парк во Мичурин
Следна статија
ЕЛЕМ годинава ќе вложи 20 милиони евра во еколошки проекти

Партијата на зелените бара усогласување на урбанистичките закони со Законот за урбано зеленило

Објавено на 24.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) бара во рок од шест месеци да се усогласат сите закони од областа на урбанизмот со неодамна усвоениот Закон за урбано зеленило. Од оваа партија бараат во Законот за просторно и урбанистичко планирање да се вгради обврската за 25 метри квадратни зеленило по глава на жител на ниво на град при изработката на Генералните урбанистички планови и најмалку 20% зеленило на градежна парцела во целата останата планска документација. Тие сметаат дека во Законот за градење треба да се вгради обврската за постапување според „зазелената“ планска документација.

 

Од ДОМ велат дека ќе побараат серија од измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање, коишто ќе бидат во корист на граѓаните и животната средина. Од партијата на зелените бараат намалување на процентот на изграденост на градежна парцела, зголемување на растојанието од објектот до границата на парцелата на една половина од висината на објектот, да се отстрани одредбата за минимум висина на објектите, да се нагласи дека густината на жители на една четврт важи за целиот плански опфат, да се врати писменото известување за сите засегнати граѓани за јавна анкета при донесувањето на ДУП-ови, заедно со продолжување на нејзиниот рок на барем 30 денови, но и да се врати законската одредба за потребно апсолутно мнозинство од бројот на општински советници при донесувањето на нови ДУП-ови.

 

Ваквото барање на ДОМ доаѓа десетина дена по изгласувањето на новиот Закон за урбано зеленило. Овој закон треба да почне да се применува, но допрва треба да се реши проблемот со неусогласеноста на различните закони од областа на урбанизмот во однос на планирањето на зеленилото во македонските градови.