Општина Центар, застапувана од градоначалникот Саша Богдановиќ, до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава за сторено кривично дело – бесправно градење. Како што информираат од оваа локална самоуправа, во текот на 2017 година, по извршен инспекциски надзор од страна на овластен градежен инспектор на општина Центар и по извршен увид, на булеварот „Никола Карев“ бб, констатирано е дека пријавениот Осман Буши без одобрение има изградено градба со димензии 15х20 метри. И покрај добиената наредба и изготвеното решение за отстранување на градбата, пријавениот одбива да го стори тоа, а бесправно изградената градба се уште е на истото место.
Кривична пријава за сторено кривично дело, бесправно градење, поднесена е и против Даут Азири, кој без одобрение за градење има изградено објект 10х10 метри на улица „171“ бр.23 и против Риза Асани, за незаконски изграден објект со димензии 5,20х6,55 метри, на улица „171“ бр.31. „Општина Центар предлага ОЈО – Скопје да ги преземе сите дејствија во насока на утврдување на фактичката состојба, по што против тројцата пријавени ќе спроведе кривично гонење за сторено кривично дело казниво по член 244, став 1 од Кривичниот законик.