Изградбата на железничката пруга од Куманово до Бељаковце никако да мрдне од мртва точка. И по речиси четири години од почетокот на градежните работи, на терен не може да се види крајот на првата фаза од железничкото поврзување со Бугарија. Наместо железничка пруга, на градилиштето во Куманово може да се видат камења, кал и ѓубре долж трасата долга 30,8 километри. Долниот и горниот строј на пругата се неизградени, започнатите мостови се недовршени, а ги нема ниту предвидените железнички станици на оваа траса. Работници на терен не сретнавме.
Пред точно три години, порталот „Билд“ во 2015 година направи репортажа од идентичната локација. Во изминатиов период речиси ништо не е променето од затекнатата состојба на терен, со исклучок на фотоапаратот и на возраста на авторот што го пишува текстов. Пругата Куманово – Бељаковце требаше да биде завршена до 2016 година, но крајните рокови постојано се менуваат. Новата влада ветува дека изведбата на првата фаза од железничкото поврзување со Бугарија ќе продолжи со засилено темпо во текот на оваа година.
*Јануари 2018 година
Изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце започна во март 2014 година. Државата за овој капитален проект подигна кредит од Европската банка за обнова и развој во висина од над 50 милиони евра. За изведувач на градежните работи на терен беше избрана германската компанија „Вибе“. Изведбата на првата фаза од железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија е многу значајно за Куманово. Пругата минува во непосредна близина на централното градско подрачје, каде што е предвидена и станица. Постојната железничка станица се наоѓа на периферијата од градот, со што возот е неатрактивно средство за превоз на граѓаните.
*Јануари 2015 година
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk