По Куманово, Струмица и Скопје, Штип ќе биде четвртиот македонски град што ќе го ползува природниот гас во индустриските објекти и јавните установи. Општина Штип ќе го рестартира јавното претпријатие „Енерго Штип“, а планирана е и ревизија на физибилити студијата за гасификација на градот. Во 2018 година ќе се работи на изготвување на проектна документација за дистрибутивната мрежа, така што годинава ќе бидат изработени инфраструктурниот и основниот проект.
Општинските власти за подготовка на проектната документација издвоија 6.000.000 денари од буџетот за 2018 година. Штипскиот градоначалник Благој Бочварски неодамна најави дека поставувањето на првата гасоводна цевка во градот може да се очекува во 2019 година. Како и во останатите македонски градови, природниот гас најпрво ќе протече до индустриските зони и јавните објекти во Штип. Во наредната етапа би се преминало кон гасифицирање на штипските домаќинства.
Природниот гас во Штип веќе пристигна со изградбата на магистралниот гасовод од кумановското село Клечовце до Штип. Оваа траса во должина од 61 километар беше завршена кон средина на 2016 година. Магистралниот гасовод е изграден до Блок станицата 5, која се наоѓа на само три километри од градот. Со проектот беше изведена и мерно – регулациона станица, која ќе овозможи приклучување на дистрибутивната мрежа во Штип на магистралниот гасовод.