Претходна статија
„Алкалоид“ отвори три нови производни погони
Следна статија
Ноември 2017 донел помал број на станови за градење

Инвестицијата за карго аеродромот во Штип ќе се пренамени за канализација!

Објавено на 11.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Наместо во натамошен развој на аеродромската инфраструктура, македонската влада планира средствата од неизградениот карго аеродром во Штип да ги пренамени во канализација. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска изјави дека 45 до 46 милиони евра ќе се инвестираат во нови канализациони системи низ општините, додека останатите средства би се вложиле во обнова на охридскиот аеродром. Останува нејасно како се избрал ваквиот приоритет од страна на владата, бидејќи досегашната замисла беше овие средства да се инвестираат во двата македонски аеродрома, како своевидна алтернатива на штипското леталиште.

 

 

Карго – аеродромот во Штип требаше да чини околу 60 милиони евра. Овој проект најверојатно нема да се реализира, но останува обврската на ТАВ Македонија за инвестирање на планираните средства во друга намена. Од компанијата велат дека немаат конкретно решение од владата во однос на тоа што ќе се прави со овие средства, но нагласуваат дека тие ќе инвестираат во согласност со владините упатства.

 

Наспроти најновата идеја на владата за градење на канализации, вложувањето во воздухопловниот превоз се чини дека ќе биде неопходно за земјава и во наредниот период. Кај аеродромот во Охрид е потребна посериозна обнова во делот на терминалната зграда, доколку во иднина се предвидува позначаен раст на бројката на патници. Од друга страна, аеродромот „Александар Велики“ ја има старата аеродромска зграда, која во моментов не се употребува. Дополнително, со неизградбата на карго аеродромот во Штип се поставува и прашањето за унапредување на постојната инфраструктура во Скопје, наменета за товарниот воздухопловен превоз.

 

Едно од најсериозните ветувања на владејачката СДСМ на последните парламентарни избори беше воведувањето на приградски железнички сообраќај во Скопје. Една од овие четири линии би сообраќала од скопската железничка станица до аеродромот, но за тоа е неопходно да се доградат пет километри железничка пруга. Ваквото ветување е наведено и во владината програма за работа, а за идната железничка врска ќе биде неопходно да се изгради и железничка станица на самиот аеродром. Засега нема никаква најава од владата во однос на реализацијата на овој проект.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk