ТАВ Македонија најверојатно нема да го гради карго – аеродромот во Штип, јавува телевизијата „Алсат М“. Владата со турската компанија периодов се договараат околу тоа каде и во што би се вложиле средствата предвидени за изградба на несуденото леталиште во Штип. Од ТАВ Македонија уште во 2014 година најавија алтернативни вложувања во другите два македонски аеродрома, доколку се испостави дека нема услови за изградба на штипскиот аеродром. ТАВ Македонија се обврза да врши метеоролошки мерења за потребите на инфраструктурниот објект во Штип, кои треба да завршат во 2020 година.
Карго – аеродромот во Штип требаше да чини 60 милиони евра. Со проектот имаше за цел да се изгради полетно – слетна патека со должина од 2.400 метри, со можност за нејзино проширување до 3.000 метри. Документацијата предвидуваше и изведба на терминална зграда во Штип, чија површина би изнесувала минимум 3.850 метри квадратни. Се предвидуваше изградба на два хангари, управна зграда и опремување на целокупното леталиште. Покрај за товарниот воздухопловен превоз, аеродромот во Штип беше предвиден и како алтернативен аеродром за цивилната авијација во земјава.
ТАВ Македонија во изминатиов период има инвестирано над 120 милиони евра во двата македонски аеродрома. Сепак, концесискиот договор од 2010 година предвидува вложување од 200 милиони евра во периодот до 2030 година. Во меѓувреме, фреквенцијата на аеродромите расте, а претпоставките се дека бројот на патници на скопскиот аеродром во 2018 година ќе ја надмине магичната сума од 2 милиони превезени лица. Воздухопловниот превоз ќе продолжи да расте и во наредниот период, што е карактеристика за овој вид транспорт во целиот свет.
Но, за скопскиот аеродром „Александар Велики“ се отвораат нови инфраструктурни прашања со континуираниот пораст на бројката на патници. Експертите во неколку наврати посочија дека е неопходно да се изгради железничка линија до аеродромот „Александар Велики“ до скопската железничка станица. Возот како масовен тип на транспорт би овозможил брза и евтина конекција до скопскиот аеродром, а железничката станица би била исклучителна можност за трансфер на патниците до другите градови во земјава и регионот. Железничката станица во Скопје има капацитет да ги прими патниците од аеродромот, но во моментов недостига железничка станица на самиот аеродром и пруга во должина од три километри, со која тој би се поврзал со линијата Скопје – Куманово.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk