Претходна статија
Сугарески: Злоупотребите со легализацијата на дивоградби ќе се казнуваат
Следна статија
Битола со изградена дистрибутивна мрежа ќе го пречека природниот гас

Отворен Меморијалниот музеј на илегалната работилница за изработка на оружје за време на НОВ

Објавено на 04.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска ја отвори постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“ во целосно реновираната прва партизанска оружарница во Скопје во Меморијалниот музеј сместен на левиот брег на реката Вардар, на кеј „Димитар Влахов“, зад Археолошкиот музеј на Македонија. Некогашната куќа, во која се наоѓала првата илегална работилница во градот, била урната во 1965 година со новиот урбанистички план и изградбата на Стопанската банка во комплексот на културни институции.

 

 

Од тие причини, во 1981 година е изграден објектот во кој е сместен Меморијалниот музеј на илегалните работници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944). „На 13 Ноември минатата година, на денот на ослободувањето на градот, ви најавив дека многу скоро повторно ќе го отвориме овој музеј кој неправедно беше затворен долги години заради реновирање. Согласно со историското редефинирање на градот кое го спроведуваше поранешната власт, антифашистичката и современа историја на Скопје беше намерно фрлана на маргините“ изјави Шилегов.

 

Во подземните простории на овој музеј била сместена илегалната работилница на Серафим Видовски, која работела од почетокот на август до 4 декември 1941 година. Станува збор за целосно зачувана просторија, во која е сместена новата изменета и надополнета поставка, збогатена со факти за периодот на окупација на Скопје во Втората светска војна. Во обновениот музеј се изложени деведесетина зачувани музејски експонати и со нив се будат сеќавањата за првата илегална работилница за оружје за партизанските одреди во Скопје. Автор на новата изменета и надополнета поставка е Зоја Богдановска.

 

Со реконструктивниот зафат се поставија нови инсталации во подземните простории, но и се набави едукативна, аудио и видео опрема за постојаната изложбена поставка на овој музеј.