Автопатската делница низ Грделичката клисура во Србија ќе биде завршена до крајот на 2018 година, со што Ниш и Скопје во целост ќе се поврзат со автопат. Српската влада планира да ја пушти наеднаш делницата низ клисурата, чија должина е 26,5 километри. Сообраќајната врска вклучува 33 мостови и два тунела со должина од 2,8 километри и е еден од најсложените проекти што во моментов се реализираат на Балканот. До крајот на декември 2017 година се изведени 92% од градежните работи, што дава реална можност за отворање на автопатот меѓу Ниш и Скопје во текот на наредните месеци. До ноември 2018 година треба да се заврши изведбата на тунелот „Манајле“, додека останатите активности ќе бидат комплетирани заклучно со претстојното лето.
Автопатот низ Грделичката клисура се состои од две делници: Грделица – Царичина Долина и Царичина Долина – Владичин Хан. Проектот во вредност од над 234 милиони евра се реализира со финансиска поддршка од Европската инвестициска банка. Со неговото завршување ќе биде во целост изграден патниот Коридор 10 низ Србија, со што поедноставно и побрзо ќе се патува меѓу Македонија и нашиот северен сосед. Воедно и Македонија до крајот на февруари годинава ќе го комплетира овој коридор на својата територија, со отворање на делницата Демир Капија – Смоквица.