Претходна статија
„Изгрев инжењеринг“ ќе ја гради фекалната канализација во населбата Гоце Делчев
Следна статија
Нов рок за поднесување на барања за легализација на дивоградбите

Општина Карпош бара времено запирање на два ДУП-а на нејзина територија

Објавено на 02.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Како резултат на тоа што не била запазена законски предвидената постапка за донесување на два урбанистички плана, Општина Карпош му предложи на Уставниот суд, до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на ДУП за Градска четврт 3 05 и ДУП за Градска четврт 3 06. Општина Карпош достави одговор до Уставниот суд, на претходно поднесена Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот ДУП за опфатот Градска четврт 3 05, помеѓу булеварите Илинден, 8 – ми Септември, Партизански Одреди и улица Љубљанска, Блок 1, Блок 5 и Блок 8.

 

 

Општина Карпош го достави Записникот од 44-та седница на Советот на општина Карпош, одржана на 5 јануари 2016 година. Како што соопштуваат локалните власти, од овој доказ е очигледно дека при носење на оспорениот ДУП предложено е дополнување на Дневниот ред за работа на 44-та седница на Советот со Предлог – одлука за донесување на оспорениот ДУП, со образложение дека непосредно пред почетокот на седницата е пристигната согласноста за донесување на ДУП-от од Министерството за транспорт и врски, што е спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и на Деловникот на Советот на општина Карпош. Со ова, на советниците им било оневозможено соодветно и темелно да ја разгледаат Предлог одлуката и да ја анализираат содржината на оспорениот ДУП.

 

Дополнително, претседателот на Советот направил и повреда на член 39, став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи го дополнил дневниот ред со две точки, меѓу кои и таа со оспорениот ДУП, иако бил должен предлогот на планот да го стави најрано на првата наредна седница. Општина Карпош за оспорениот ДУП за Градска четврт 3 05 приложи и доказ – извод од архивата на содржини објавени на општинската веб – страница. Од овој извод, јасно се гледа дека Одлуката за неспроведување на стратегиска оценка, која претходи на донесувањето на Деталниот урбанистички план, не била објавена на огласната табла на веб – страницата на локалната самоуправа.

 

Објавувањето на оваа Одлука е задолжително согласно Законот за животна средина член 65, став 10 и став 11. На овој начин, на граѓаните и на целокупната јавност им е ускратено правото на жалба кое им е гарантирано со закон.