Претходна статија
Гасификацијата на Куманово продолжува и во 2018 година
Следна статија
Изготвен уште еден документ од проектот за пругата Крива Паланка - Деве Баир

ТЕМА: Во 2018 година Македонија треба да добие два нови автопати

Објавено на 08.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Ќе мине ли 2018 година без постојаните доцнења во проектите за изведба на патната инфраструктура во земјава? Ова прашање се поставува пред македонската влада по долгогодишните доцнења во реализацијата на најзначајните автопати и магистрални патишта во земјава. Ако се суди според постојните ветувања, Македонија во наредните 12 месеци ќе ги добие двата нови автопати Демир Капија – Смоквица и Миладиновци – Штип, чија вкупна должина изнесува 75,2 километри. Со нивното завршување, во целост ќе се изгради патниот Коридор 10 низ нашата земја, но и ќе се поврзе источниот дел на Македонија со главниот град.

 

 

Автопатот Демир Капија – Смоквица треба да се заврши до 28 февруари 2018 година. На оваа делница со должина од 28,2 километри во моментов се врши дислокација на далновод, но и се гради контролниот центар за овој автопат. Со нејзиното пуштање во употреба ќе треба да профункционира и новата наплатна рампа. Очекувањата се дека нема да има нови одложувања кај овој проект, особено ако се земе предвид фактот дека првичниот рок за отворањето на овој автопат за сообраќај беше септември 2016 година.

 

Најдоцна до 30 септември ќе треба да се заврши и изградбата на автопатската делница Миладиновци – Штип, со должина од 47 километри. Кај оваа автопатска делница не се предвидени проблеми во натамошниот тек на нејзината реализација, поаѓајќи од податокот дека најголем дел од градежните работи на терен се веќе завршени. Многу поголем предизвик за владата е довршувањето на делницата Кичево – Охрид, за која веќе во текот на јануари ќе треба да се потпише анекс за продолжување на рокот за изведба на трасата долга 57 километри.

 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески неодамна изјави дека изградбата на овој автопат би можела да се продолжи и за три години, односно тој да не биде завршен и до 2021 година. Кинеската компанија „Синохидро“ беше обврзана да ја комплетира делницата до 31 јануари 2018 година, но досега на терен се завршени околу половина од севкупните градежни работи. Поради сериозните пропусти во целокупната постапка за реализација, автопатот Кичево – Охрид ќе го чини државниот буџет многу повеќе од досега планираните 374 милиони евра.

 

Покрај заокружувањето на изградбата на веќе започнатите делници, македонската влада во 2018 година ќе треба да ја започне и изведбата на автопатот од Скопје до граничниот премин Блаце. Во моментов се врши репроектирање на трасата во должина од 13 километри, со што ќе се решат неколку недоумици во однос на веќе подготвената документација. Плановите на владата се изградбата на оваа автопатска делница да започне до крајот на 2018 година. Трасата ќе треба да се поврзе на автопатот „Арбен Џафери“, кој во моментов се гради на косовска страна на потегот од Приштина до граничниот премин Блаце.

 

Во текот на 2018 година ќе се продолжи и со изработка на проектната документација на автопатот Гостивар – Букојчани – Кичево, чија должина изнесува 42 километри. Поголем предизвик за извршната власт ќе биде пронаоѓањето на финансиски средства за овој автопат, кој минува низ тежок планински предел што би ја чинел државата неколку стотици милиони евра. Воедно, значаен предизвик за нашата земја може да биде албанскиот автопат „Патот на Арбр“, кој предвидува патниот Коридор 8 да се помести на граничниот премин „Блато“ кај Дебар. Ваквата автопатска траса би минувала низ Националниот парк „Маврово“ и би се поврзала директно со Гостивар.

 

Двете влади на Албанија и Македонија веќе разговараа за заедничко автопатско поврзување, но главна недоумица е по чија траса ќе се гради идната делница од највисок ранг. Ако македонската влада го прифати проектот предложен од албанска страна, тогаш од Гостивар во иднина би се издвојувале два автопати – едниот кон Тирана, а вториот кон Охрид. На тој начин, нашата земја ќе треба да се зајмува и повеќе од една милијарда евра за да успее да ги изгради двете автопатски делници. Оттука, извршната власт во претстојните 12 месеци ќе треба да пресече по која траса ќе минува македонскиот дел од автопатот на Коридор 8.

 

Заедно со автопатите, македонската влада во 2018 година планира да отпочне со изградба и на неколку експресни патишта. Највисок приоритет несомнено треба да има експресниот пат од Куманово до граничниот премин Деве Баир. Европската банка за обнова и развој кон крајот на 2017 година ѝ додели на Македонија околу 12 милиони евра за реконструкција на делницата од Крива Паланка до Деве Баир. Во двегодишната програма на владата е влезен и зафатот за реконструкција на делницата од Ранковце до Крива Паланка, за која се предвидени 3 милиони евра.

 

Во 2018 година ќе се градат и новите експресни патишта Штип – Кочани (долг 28 километри), Штип – Радовиш (долг 23,5 километри) и Градско – Прилеп. Првите десет километри на потегот од Фаришка до Дреновска клисура ќе продолжат да се изведуваат и во текот на оваа година, но со изведба ќе треба да започне и втората фаза на потегот од Дреново до Градско. За разлика од експресниот пат Градско – Прилеп, на другите два експресни патишта допрва ќе треба да се изведуваат најголем дел од градежните активности.

 

Покрај изведбата на нови патни правци, во 2018 година треба да заврши и реконструкцијата на неколку делници од најзначајните патишта во земјава. Санацијата на коловозот меѓу Скопје и Куманово треба да заврши во текот на оваа година. Заедно со неа, се работи и на рехабилитација на делниците Петровец – Миладиновци и Кадино – Хиподром. Покрај нив, во моментов се врши реконструкција и на две други делници, и тоа од Велес до Градско и од Неготино до Демир Капија. Со сите овие зафати, ќе се решат досегашните проблеми со дупките и нерамнините на најфреквентните делници од патниот Коридор 10.

 

Ако Агенцијата за државни патишта успее да ги финишира сите овие зафати, тогаш до крајот на 2018 година би имале модерен и функционален автопат на потегот од Табановце до Гевгелија. Овој децениски државен приоритет се очекува да се надополни годинава и со поставување на звучни брани за заштита од бучава долж автопатот, но и со довршување на осовременувањето на хоризонталната и вертикалната сигнализација. Со тоа, нашата земја конечно би можела да добие автопат што ќе ги задоволува сите европски стандарди за безбедно одвивање на сообраќајот.

 

Во 2018 година треба да продолжи проектот за обнова на патните правци со вкупна должина од 420 километри. Новата влада најави дека во следните две години ќе се инвестираат 86 милиони евра во реконструкција на 26 патни правци низ земјава. Станува збор за санација на коловозот на оние делници каде што имало континуирани проблеми со појавата на дупки и нерамнини на патиштата.

 

Следејќи ги ваквите планови на владата, треба да се посочи дека во 2018 година се поставени големи инфраструктурни предизвици. Најзначајниот меѓу нив е да се прекине со досегашната пракса за одложување на почетокот на градежните работи, но и на крајниот рок за завршување на предвидените делници за градење. Коридорите 8 и 10 треба да останат врвен приоритет, бидејќи тие би го раздвижиле извозот на македонската економија и би довеле до зголемен транзитен сообраќај. Сепак, се чини дека клучниот предизвик пред извршната власт ќе биде разрешувањето на два актуелни проблема – крајната вредност на автопатот Кичево – Охрид, но и финалното определување на трасата за автопатско поврзување со Албанија. Секаква нова грешка кај овие проекти би чинела стотици милиони евра неразумно потрошени од државниот буџет.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk