Претходна статија
Владата и во 2018 година ќе ги субвенционира станбените кредити за граѓаните
Следна статија
МЕПСО ќе гради нов далекувод од Штип до Пробиштип

Велешките населби Превалец и Оризари догодина ќе имаат реконструиран водовод

Објавено на 28.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Министерството за транспорт и врски објави оглас за избор на компанија што ќе ја изведува реконструкцијата и доградбата на водоводната мрежа за велешките населби Превалец и Оризари. Со проектот е предвидено да се изгради водоводна линија со должина од 1.838 метри, со која овие населени места ќе се поврзат со градската водоводна мрежа на Велес. Изградбата на цевководот ќе значи трајно решавање на проблемот со недостигот на вода во Оризари, кој е особено акутен во текот на летните месеци.

 

Од надлежното министерство даваат рок од пет месеци за изградба на водоводната мрежа од страна на идниот изведувач. Градежните работи е проценето дека ќе чинат околу 25 милиони денари, вклучувајќи го и ДДВ. Заинтересираните изведувачи имаат рок до 22 јануари 2018 година за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка. Главен критериум за избор на изведувачот е понудената најниска цена. По изборот на најповолната компанија ќе се пристапи и кон изградба на планираниот цевковод за двете населби во Велес.