Претходна статија
Тркалезна маса за Законот за градење в понеделник во ГЕМ
Следна статија
Општина Центар поднесе три кривични пријави за бесправно градење

ТЕМА: Железницата во 2018 година – сериозни инвестиции или големи проблеми?

Објавено на 21.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Македонската влада во 2018 година ќе мора сериозно да се посвети на инвестициите во проекти и реструктуирање на железницата. Сите инфраструктурни зафати во железничкиот сектор доцнат, бројот на превезени патници со воз е рекордно низок, а ниту товарниот железнички сообраќај не може да се пофали со позитивни резултати од работењето. Како последица на ова, железничарите секој месец го блокираат сообраќајот поради неисплатените плати, со што дополнително се отежнува функционирањето на железничките компании. Владата веќе најави можност за воведување на приватни компании во железничкиот сектор, но прашање е кој би сакал да влезе во земја во која должината на пругите од една до друга граница на Коридорот 10 изнесува околу 200 километри.

 

 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески веќе истакна дека со буџетот за 2018 година во железницата е планирано да се инвестираат 1 милијарда и 357 милиони денари, односно за 817 милиони денари повеќе во однос на претходната година. Во наредните 12 месеци треба да се заврши изградбата на пругата од Битола до границата со Грција, со должина од 17 километри. Оваа железничка траса би можела да генерира дополнителен товарен сообраќај кон Грција, ако се земе во предвид фактот дека оваа пруга директно ќе се поврзе со пристаништето во Солун.

 

Во 2018 година ќе продолжи и изведбата на првата фаза од пругата кон Бугарија. Станува збор за делницата од Куманово до Бељаковце, со должина од 30,8 километри. Оваа пруга се гради веќе четири години, но очекувањата од новата влада се дека изградбата на оваа пруга ќе се интензивира во претстојните 12 месеци. Токму оваа година ќе треба да започне и изведбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, со должина од 34 километри. Почетокот на градежните работи се очекува веднаш по изборот на најповолен изведувач, при што тендерската постапка е веќе во тек.

 

Од железничките претпријатија се очекува во 2018 година да го завршат проектот за реконструкција на 10 железнички станици лоцирани на Коридорот 10. Овој градежен зафат се одолговлекува со години наназад. И покрај тоа што некои од железничките станици се веќе реконструирани, тие не можат да се користат од патниците и од железничарите поради тоа што не е добиена употребна дозвола за нив. Всушност, работењето на новата влада во железничкиот сектор за претстојната година ќе се мери според успешноста од завршувањето на овие проекти. Сите зафати беа започнати од претходната влада уште пред повеќе од три години, но останаа недовршени до денешен ден.

 

Всушност, најголем предизвик за новата извршна власт ќе бидат два зафати што не се започнати со реализација. Првиот е проектот за изведба на железничката делница од Кичево до албанската граница, чија должина изнесува 62,5 километри. Оваа делница од паневропскиот Коридор 8 ќе ја чини државата околу 500 милиони евра, а за неа ќе треба допрво да се бараат финансиски средства. Проектната документација е веќе изработена, така што успехот на владата во наредниот период ќе се мери според изнајдените средства за реализација на зафатот.

 

Вториот голем предизвик е третата етапа од реализацијата на пругата кон Бугарија. За оваа траса од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир ќе треба допрва да се заврши проектната документација, но и да се обезбедат минимум 330 милиони евра за нејзина изведба. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески даде два рока за завршување на двата проекта – македонската страна ќе ја заврши пругата до Бугарија најдоцна до 2025 година. Воедно, тој вети дека железничката делница од Кичево до Албанија ќе биде завршена до 2030 година.

 

Железничкиот транспорт е во загуба од нереализираната инфраструктура 

 

Министерот Горан Сугарески веќе вети дека во буџетот за 2018 година е предвидена финансиска помош во висина од 415 милиони денари за Македонски железници – Транспорт. Официјално, тие ќе се префрлат на сметката на ова претпријатие за „покривање на загубите од патничкиот сообраќај“. Неофицијално, овие буџетски средства ќе бидат искористени за давање плати на вработените од ова железничко претпријатие. Патничките возови низ земјава се редуцирани како никогаш досега, со по еден воз дневно од Скопје кон Кичево и Кочани, но и со минимален број на возови кон останатите дестинации.

 

Бројките на Државниот завод за статистика говорат дека минатата година бил превезен рекордно низок број на патници во железничкиот сообраќај. Трендот на опаѓањето на превезените тони во товарниот сообраќај е сопрен во 2017 година, но прашање е дали зголемената бројка на организирани товарни возови ќе продолжи и во 2018 година. Проблемот со мигрантите во Грција и континуираните протести на грчките и македонските железничари се своевиден „Дамоклов меч“ за работењето на Македонски железници – Транспорт.

 

Позитивно влијание врз работењето на транспортното железничко претпријатие ќе имаат новите електрични локомотиви од Кина, кои треба да почнат да пристигнуваат во 2018 година. До почетокот на 2019 година, Македонски железници – Транспорт ќе поседува четири нови локомотиви, кои ќе трошат помалку електрична енергија во транспортот и ќе се користат исклучиво за товарниот сообраќај. Во претстојните месеци треба да почне да се инсталира и интегрираниот информативен систем за управување со енергијата во Македонски железници, од што се очекува намалување на сметките за потрошена електрична енергија на претпријатието.

 

Македонската влада најверојатно дека во 2018 година ќе го отвори и прашањето за либерализација на железничкиот сообраќај. Тука постојат две опции – првата би значела приватизација на Македонски железници – Транспорт, додека втората би овозможила конкуренција на државното претпријатие преку влез на приватни фирми што би организирале дополнителен товарен сообраќај. Извршната власт излезе со ваква најава уште во јуни 2017 година, но се повлече. Прашањето е колку Македонија со своите 200 километри пруга од Табановце до Гевгелија е атрактивна дестинација за инвестирање во железничкиот сектор.

 

Следствено на ова, државата ќе мора да поработи на нови мерки за олеснување на превозот на стока и патници. Во земјите – членки на Европската Унија, железничкиот превоз се врши без промена на локомотиви на граничните премини и без извршување на царински формалности. Наспроти нив, еден воз што поаѓа од Солун кон Будимпешта или Загреб мора да промени барем четири локомотиви до својата крајна дестинација. А да не зборуваме за вообичаените царински контроли и пасошки формалности на граничните премини.

 

Наспроти нашиот Коридор 10, товарните возови на конкурентскиот Коридор 4 минуваат без промена на локомотивите од Солун па сè до Будимпешта. Оваа железничка траса низ Бугарија и Романија, заедно со новиот мост на реката Дунав, во иднина ќе постане главен проблем за развојот на железницата во земјава. Проблемот е едноставен – товарните и патничките возови е многу полесно да се организираат во рамките на земјите – членки на ЕУ, наместо да ги минуваат бројните граници и сопирања на возовите низ земјите од поранешна Југославија.

 

Македонската влада во новата година ќе треба да сфати дека одложувањето на проектите носи единствено губиток за државниот буџет и интересите на земјата. Да беше завршена навреме пругата од Битола кон Кременица, Македонски железници ќе ги немаше проблемите со блокирањето возови кај Гевгелија од страна на мигрантите. Алтернативната рута ќе овозможеше непречен проток на возовите. Да беше завршена пругата кон Бугарија до денешен ден, немаше да постои проблемот со исплата на плати за вработените во железницата. Едноставно, намалувањето на сообраќајот кон Грција ќе се надополнеше со новиот превоз генериран од пругата кон Бугарија.

 

Следствено на ова, од извршната власт на земјава се очекува во 2018 година да си ги реализира проектите во железничкиот сектор што самата ги ветила пред граѓаните.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk