Претседателот на Р.М. Ѓорѓе Иванов вечерва ја додели Големата годишна награда на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) за 2017 година на архитект Александар Карангелов, автор на индустрискиот објект МЛ ГАРИ – MAYA, изграден во село Гари, Општина Дебар. Оваа архитектонска награда по подолг период е доделена на индустриски објект, којшто оставил посебен акцент со својата усогласеност на ентериерот и екстериерот со околниот амбиент. Ваквата констатација ја изнесе архитект Радован Раѓеновиќ, претседател на комисијата за доделување на овогодинешната награда.
Претседателот на ААМ, Мартин Пановски во своето обраќање истакна дека годинава на распишаниот повик биле доставени седум авторски труда. Александар Карангелов, во својство на автор на победничкиот труд, пред присутните колеги истакна дека архитектонската замисла било многу тешко да се реализира. Најтешко било да се обезбедат условите за изведба, поаѓајќи од фактот дека објектот се наоѓа на планински терен.
И покрај отежнувачките околности, авторот на објектот е задоволен од сработеното. „Дизајнот на објектот е современ. Употребени се природни материјали. Идејата беше да се направи една спрега со природата“ изјави архитект Александар Карангелов во своето обраќање пред бројната публика во Музејот на град Скопје.
Фабриката за полнење и флаширање на природна вода во село Гари беше пуштена во употреба во септември 2016 година. Индустрискиот објект е инвестиција вредна 14 милиони евра на хрватската компанија „Мали Лошињ“. Зданието непрекинато се градеше три и пол години.
Големата годишна награда на ААМ годинава се додели по 23 – ти пат од нејзиното основање. Манифестацијата се организира под покровителство на Претседателот на Република Македонија, спонзорирана е од Македонската авторска агенција и поддржана е од Министерството за култура на Р.М.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk