Кривичниот суд во Скопје денеска соопшти дека Советот за оценка на обвинителен акт го одобри обвинението за предметот „Тендери“ на Специјалното јавно обвинителство, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска. Ова значи дека ќе има судски процес за обвинителниот акт, во кој поранешната министерка се товари дека ја злоупотребила службената положба, односно дека без завршена постапка за јавни набавки дозволила фирмата „Бетон“ од Штип да изврши градежни работи во Музејот на ВМРО, што довело до оштетување на државниот буџет во висина од 54 милиони денари.
Од судот информираат дека оформениот предмет по одобрениот обвинителен акт, во согласност со АКМИС системот, ќе биде распореден електронски за понатамошно постапување. За изградбата на ова здание од проектот „Скопје 2014“, СЈО во текот на минатата есен заплени документи од Министерството за култура.
Објектот на Музејот „Македонска борба“ беше пуштен во употреба во 2011 година и го чинеше буџетот речиси 15,3 милиони евра. Оваа зграда со површина од 2.500 метри квадратни се состои од два музеи – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим. Изведувач на градежните работи беше фирмата „Бетон“ од Штип, а проектот го изготви „Неимар инженеринг“. Автор на идејното решение е архитектот Зоран Јордановски.
» Форумска дискусија за Музејскиот комплекс „Македонска борба“