ЕВН Македонија и Градот Скопје поставија четири полначи за електрични автомобили на различни локации во Скопје. Полнењето на автомобилите со електрична енергија во 2018 година ќе биде бесплатно. Идејата на проектот е да се поттикне користењето на електричните автомобили, со што ќе се намали загадувањето на воздухот во главниот град. Од ЕВН Македонија велат дека се расположени во иднина да ја прошират мрежата на полначи, доколку се зголеми бројката на автомобили на електричен погон.
*Станица за полнење на автобуси на електричен погон
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека во Македонија во 2016 година биле регистрирани 80 електрични автомобили, од кои во главниот град имало 47 вакви возила. Тој напомена дека градската администрација веќе од наредната година ќе ја поддржи набавката на возила на електричен погон. Имено, со градскиот буџет за 2018 година се предвидени субвенции во висина од 100 милиони денари за ЈСП – Скопје при набавката на нови електрични зглобни автобуси.