Над 390.000 патнички автомобили сообраќале лани на македонските патишта. Магичната бројка на возила алармантно расте секоја година за околу 20.000 нови возила. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на патнички автомобили во земјава се зголемил за речиси 100.000 нови возила во периодот од 2012 до 2016 година. Истовремено, за прв пат во нашата историја е надмината бројката од 450.000 возила учесници во патниот превоз.
*Пругите без возови, патиштата полни со автомобили и камиони
„Во периодот од 2015 до 2016 година, во категоријата трактори и автобуси се забележува намалување, додека во останатите категории се забележува пораст од 2,9% до 16,4%. Најголем пораст од 16,4% е забележан во категоријата мотоцикли“ се наведува во публикацијата „Статистика на животната средина, 2017“. Рапидниот пораст на возила во патниот превоз може да се потврди и преку учеството на патничките километри во вкупниот патнички сообраќај.
Превозот со патнички автомобили во Македонија доминирал, со учество од 77% во однос на другите видови превоз во остварените патнички километри. Автобусите во вкупниот патнички сообраќај учествуваат со 22,1%, додека учеството на железницата изнесува минорни 0,9%. Идентични негативни резултати се забележани и кај товарниот транспорт. Товарниот патен сообраќај учествува во 96,9% од остварените тонски километри, додека железничкиот товарен сообраќај учествувал единствено со 3,1%.
Македонија е една од ретките европски земји во кои железницата како еколошко превозно средство бележи минорно учество во сообраќајот. Дополнително, нашата земја претставува исклучок во однос на намалувањето на користењето на јавниот превоз за сметка на купувањето нови автомобили. Транспортот, со првенствен акцент на патничките автомобили, имаат значителен удел во загадувањето на воздухот, заедно со затоплувањето на домовите во македонските градови.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk