Претходна статија
Расте бројката на автомобили во земјава, железничкиот превоз во константен пад
Следна статија
Град Скопје догодина ќе инвестира во проекти за заштита на животната средина

Проектот „Кога зградите би зборувале“ гостува во Загреб

Објавено на 20.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

На целодневниот настан „Попаметен град“ во галеријата „Грета“ во Загреб денеска ќе биде претставен проектот „Кога зградите/просторите би зборувале“, меѓународна соработка која вклучува презентација на целокупните проектни активности досега спроведени во Скопје, Белград и Загреб. „Кога зградите би зборувале“ ќе го претстават авторите Ивана Васева, Филип Јовановски и Дејан Ивановски.

 

 

Станува збор за колаборативен проект кој се бави со трагите на бришење или наглата изградба на колективните локални истории, земајќи како примери конкретни градски простори – згради и нивното опкружување. Бришењето или создавањето води кон една непрепознатлива промена на локалните контексти кои влијаат на сите општествени слоеви. Програмата која се развива во Скопје, Белград и Загреб се занимава со промените во сфаќањата и делувањата во однос на историските, архитектонските, политичките и уметничките референци на одредени градски делови.

 

Преку детална анализа на овие згради/блокови, контекстуализирани со нивната околина и историски развој, „Кога зградите би зборувале“ се однесува на тенденциите на (не)солидарност, деградација, обнова на реалноста – покажувајќи исто така кои се конфликтите во овие згради/блокови кои потенцијално отвораат процепи во генералната општествена структура.

 

Процесот подразбира истражување на Железничка зграда во Скопје од ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/Скопје, комплексот на згради Белвил во Белград во соработка со партнерот „Супервизуелна“ и Фабриката Пенкала – Мостер во Загреб, во соработка со организацијата „Фрлачи на сенки“ од Загреб, во периодот од октомври 2015 – септември 2017 година. Проектот е поддржан од Balkan Arts and Culture Fund (BAC). BAC е спроведуван од Швајцарската влада преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Европската културна фондација (ECF) и продолжува и во 2018 година.