Претходна статија
ФЕЉТОН: Музејот на современа уметност - најскапоцениот дар од Полска за разурнатото Скопје (13)
Следна статија
Со воз до Белград за 27 евра, за Будимпешта за 49 евра повратна карта

РЕПОРТАЖА: Нова Хута денес – утопискиот социјалистички град во реалноста

Објавено на 22.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Со своите 200.000 жители, Нова Хута (македонски: Нова железарница) е најголемиот соцреалистички град изграден во Полска. Лоциран на помалку 10 километри источно од древниот град Краков, Нова Хута е еден од најзначајните експерименти на урбанизмот и просторното планирање од социјалистичкиот период. Мрачните предвидувања на Џорџ Орвел за идниот развој на совршениот индустриски град се пресликуваат во историјата на ова населено место.

 

Историјата на Нова Хута започнува на 17 мај 1947 година, кога е донесена одлуката за изградба на нов социјалистички град со предвидено население од 100.000 жители. По урнек на советскиот град Магнитогорск, неопходно било да се создаде идеален тип на индустриски град, во кој ќе се издигне новата работничка класа во тогашна Полска. Притоа, изборот на Краков не бил случаен. По одржаниот референдум во 1946 година на целата територија на Полска, на комунистичките власти им постанало јасно дека ќе им биде тешко да го контролираат Краков како историски, културен и образовен центар на оваа земја.

За да го надоместат евентуалниот револт на граѓанството од Краков, тогашното државно раководство се одлучува да ја изгради најголемата полска железарница во непосредна близина на овој град. Селани и припадници на работничката класа од различни делови на Полска биле повикани да постанат жители на новиот социјалистички град, со надеж дека овие идни жители на Краков ќе бидат верни следбеници на новиот комунистички режим. Во 1948 година е потпишан договорот помеѓу Полска и Советскиот Сојуз за изградба на новата железарница на местото на некогашните средновековни села.

Изградбата на индустрискиот комплекс започнува во 1950 година, при што првата печка на железарницата „Владимир Илич Ленин“ е пуштена во погон на 22 јули 1954 година. Металургијата вклучувала целосно затворен производствен циклус, во чии погони работеле 40.000 луѓе. Петтата печка од железарницата била со големина од 2.000 кубни метри, издигнувајќи се на првото место на најголеми печки во Европа. Производството на челик достигнало до 7 милиони тони годишно. Во насока на развој на индустрискиот град, во Нова Хута подоцна е подигнат најголемиот тутунски комбинат во Полска и огромна цементарница.

 

Развојот на новиот социјалистички град се одвива паралелно со изградбата на индустрискиот комплекс. Тимот на полски архитекти, под раководство на Тадеуш Пташички, го започнува планирањето на идниот соцреалистички град. Изградбата на првиот блок станови започнува на 23 јуни 1949 година, следејќи го стилот на соцреализмот. Градскиот план бил потчинет на класичниот ренесансен град. Улиците се протегаат од централниот плоштад, кој се наоѓа на насип во близина на реката Висла. Распоредот на објекти во просторот го следат англосаксонскиот концепт од 20-тите години на XX век, врз чија основа се развивал регионалниот план за Њујорк. Микрореоните ги имале сите неопходни услови за живот на новата работничка класа, со исклучок на цркви.

Нова Хута уште во 1951 година е припоена кон Краков, по што започнала изградбата и на нова трамвајска линија за спојување на двете места. Самите објекти биле проектирани во ренесансен, барокен и класицичен стил, обидувајќи се да создадат привлечност и внимание за новите жители на градот. Широките улици и пространото зеленило низ целото населено место овозможиле оформување на своевидна зелена оаза во градот. Целокупните зданија биле градени во согласност со тогашната опасност од нуклеарна војна помеѓу Советскиот Сојуз и САД, со бункери изведени под самите згради.

 

Утопискиот сон за социјалистички град не бил реализиран до крај. Доктрината на соцреализмот е напуштена во Полска веќе во 1956 година, оставајќи зад себе единствено неколку станбени блока и недовршен главен плоштад. Дури и декоративните елементи на некои од зградите не биле довршени, а фотографиите на Нова Хута од птичја перспектива прецизно го покажуваат раскинот со соцреализмот. Веќе во 50-тите години на XX век архитектите на Нова Хута патуваат во Шведска, со цел да црпат искуства за проектирањето на модернистичките зданија изградени во подоцнежниот период.

Веднаш по изградбата на првите станбени објекти, самата државна власт ја сфатила потребата за изградба на културни објекти и отворање на места за забава на тамошното население. Театар и две кино сали се изградени во Нова Хута, следејќи ги потребите на тамошното население. Сепак, поигрувањето со општествениот инженеринг во Нова Хута ќе им се удри од глава на самото комунистичко раководство. Веќе во 1960 година, жителите на Нова Хута подготвиле барања до локалните власти за изградба на верски храм во населеното место, којшто воопшто не бил предвиден да се издигне во Нова Хута. Самото население се одлучува да постави дрвен крст, чие што отстранување од полицијата ги предизвикало првите судири помеѓу населението и безбедносните органи.

 

Потребни биле помалку од една деценија за да се разбере дека архитектите не можеле да бидат „инженери на човековата душа“. Некогашните селани и посиромашни доселеници од разни краеви на земјата побарале изградба на црква и биле поддржани од Карол Војтула, кој подоцна ќе постане препознатлив на целиот свет како папата Јован Павле Втори. Дозволата за изградба на црква од тамошните власти била издадена дури во 1967 година, додека нејзиното издигнување се одолговлекувало сѐ до 1977 година.

Наместо да прерасне во идеален социјалистички град, Нова Хута набрзо ќе им постане голем проблем на полските комунистички раководители. Со залезот на индустријализацијата и забрзувањето на нужната економска криза во земјата, Нова Хута ќе постане еден од главните центри на независниот синдикат „Солидарност“. Уличните судири меѓу полицијата и работниците ќе прераснат во секојдневие во Нова Хута во текот на 80-тите години на XX век. Мнозинството работници од железарницата „Ленин“ ќе постанат членови на „Солидарност“, а нивната истрајност во борбата против тогашниот режим ќе има значајна улога во севкупниот распад на Источниот блок во 1989 година.

 

Во однос на изградбата на самиот град, во децениите што следуваат по 50-тите години ќе се преферира издигање на големи станбени блокови од префабрикувани елементи. Нивната евтина изведба го следела залезот на планската економија и падот на индустриското производство во Полска. Постмодерната архитектура навлегува во Нова Хута во 80-тите години на XX век, но нејзиното симболично присуство се должи на недостигот на финансиски средства за било каква изведба на нови зданија. Деценијата што следува по падот на комунизмот ќе донесе стагнација на севкупниот развој на Нова Хута.

Пресвртната точка кон позитивниот раст на овој дел на Краков ќе се случи во првата деценија од новиот милениум. Функционалноста на оформената населба и пространото зеленило ќе ја зголемат атрактивноста за живеење во ова место, додека реализираниот сон за изградба на социјалистички град ќе привлече бројни туристи во Нова Хута. Населеното место се наоѓа на само половина час патување со трамвај или велосипед од центарот на Краков, овозможувајќи им на посетителите да ги набљудуваат недопрените градби од соцреализмот и да ја вкусат внатрешноста на некогашните социјалистички ресторани. Во Нова Хута денес има неколку музеи, а во конципирањето на еден од нив (Музејот на НР Полска) учествувал и славниот полски режисер Анджеј Вајда.

Објектите околу централниот плоштад во Нова Хута во 2004 година се вметнати во регистарот на споменици на Краков како еден репрезентативен пример на соцреалистичкото урбанистичко планирање во Полска. Ваквиот потег на властите предизвика зголемен интерес за проучување на овој град од самите архитекти, а во меѓувреме, Нова Хута доби и посебна енциклопедија на Интернет. Со нејзиното зачувување, Краков се стекна со нова туристичка атракција за бројните посетители на градот.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk