Во МЦ галеријата во Њујорк, од вчера е поставена изложбата „Изградба на модернистичка утопија: Архитектура на обновувањето по земјотресот во Скопје, 1963-1981“, која е проследена со предавање на архитектот и универзитетски професор Владимир Десков. Неговиот интерес за истражување се фокусира на градот Скопје и неговата архитектура, како и влијанието на економските, политичките и општествените трансформации на општеството врз начинот на кој се менува градот и нивното влијание врз архитектурата.
* Извор на фотографија: Министерство за култура
Во најавата за настанот во Њујорк се вели дека изложбата има акцент на архитектурата на постземјотресно Скопје, солидарноста од целиот свет, развојот на модерната, но интересот на архитект Десков се проширува и на трансформацијата на градот Скопје како резултат на неодамнешните квази-историски популистички интервенции на проектот „Скопје 2014“.
Од биографијата на Владимир Десков, може да го издвоиме неговото учество во 2014 година на Венециското биенале за архитектура како еден од авторите на проектот „Findings“. Од 2015 година е член на кураторскиот советодавен одбор на Музејот на модерната уметност во Њујорк за претстојната изложба – „Кон конкретна утопија: Архитектура во Југославија, 1948-1980“, првата голема изложба во САД која ќе ја испита модернистичката архитектура во регионот. Во 2017 година, архитект Десков беше еден од кураторите на изложбата „Скопје – Архитектура во македонски контекст“.