Претходна статија
Скопската пречистителна станица за отпадни води ќе чини 120 милиони евра
Следна статија
И Општина Карпош од 2018 година ќе субвенционира купување велосипеди

Македонија и официјално го доби грантот за пругата Бељаковце – Крива Паланка

Објавено на 13.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Нашата земја и официјално доби одобрение за искористување на неповратниот грант во висина од 68,6 милиони евра за изградба на втората делница од железничката врска кон Бугарија. Овие средства претставуваат речиси половина од вкупната инвестиција од 152 милиони евра наменета за изградба на пругата од кумановското село Бељаковце до Крива Паланка, со должина од 34 километри. Останатите средства се обезбедени преку кредит. Оваа поддршка на Република Македонија ѝ е доделена во рамките на т.н. „Конективити“ агенда од Берлинскиот процес, што беше најавена уште на Самитот на земјите од Западниот Балкан во Трст.

 

 

Тендерската постапка за изведба на втората делница од пругата кон Бугарија треба допрва да започне. Ревизијата на основниот проект за оваа делница ја изврши Градежниот факултет при УКИМ, додека основниот проект го изработи германската фирма „Обермаер“. Во моментов тече изградбата на првата фаза од овој проект, на потегот од Куманово до Бељаковце. Најголем предизвик за надлежните државни органи ќе биде третата фаза на потегот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, за која ќе бидат потребни минимум 330 милиони евра. За оваа делница дополнително ќе треба да се заврши проектната документација и да се обезбедат потребните финансии.