Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска во кругот на градинката „Буба Мара“ во Ново Лисиче со поставување камен – темелник официјално го означија почетокот на изградба на нова детска градинка со капацитет за згрижување на 200 деца. Станува збор за модерна детска градинка во рамки на градинката „Буба Мара“, со нов објект кој ќе ги исполнува сите неопходни стандарди и ќе обезбеди современи услови за згрижување и престој на деца од претшколска возраст.
*Извор на фотографија: Општина Аеродром
Новата детска градинка во скопската населба Ново Лисиче ќе има осум занимални, со сопствени санитарни јазли и кујна. Објектот ќе се простира на површина од 1.500 метри квадратни, со приземје и кат. Финансиските средства во износ од околу 40 милиони денари се обезбедени од општинскиот буџет. Изградбата на ова здание е предвидено да заврши до есента 2018 година. За изведувач на градежните работи е избрана фирмата „Квалитет Бетонида“ од тетовска Мала Речица.