Без промени во бројот на патнички возови, Македонски железници – Транспорт вчера започна да сообраќа по новиот возен ред за 2018 година. На релацијата Скопје – Битола – Скопје ќе сообраќаат по четири возови дневно, со поаѓања од скопската железничка станица во 6:42, 14:30, 17:10 и 20:10 часот. На релацијата Скопје – Табановци – Куманово се предвидени по пет возови дневно, со тргнувања од Скопје во 6:30, 16:34, 19:00, 22:19 и 23:00 часот. Меѓу Скопје и Гевгелија ќе сообраќаат по три воза дневно, со поаѓања од главниот град во 4:45, 6:20 и 16:55 часот.
Со новиот возен ред за 2018 година се предвидени по само еден пар возови дневно на релациите Скопје – Кичево – Скопје и Скопје – Кочани – Скопје. Возот за Кочани од Скопје ќе поаѓа во 16:40 часот, додека возот за Кичево од македонската метропола ќе тргнува во 16:50 часот. Меѓу Скопје и Велес ќе сообраќаат по 12 пара возови дневно. Возниот ред ќе важи до 8 декември 2018 година.
Со новиот возен ред се предвидени и досегашните меѓународни возови кон Белград, Солун и Приштина. Возот од Скопје за Белград ќе поаѓа во 22:19 часот, додека од Скопје за Солун ќе има еден воз дневно, со тргнување во 4:45 часот. Брзиот воз за Приштина ќе поаѓа од Скопје во 16:10 часот. Од железничката станица во Белград, патниците имаат можност да ги користат директните експресни возови до Загреб, Љубљана, Будимпешта и Виена.
Патничкиот железнички сообраќај во земјава е во незапамтена криза од основањето на Македонските железници. Неколку години по ред се намалува бројот на превезени патници, а податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во првите девет месеци од 2017 година со воз патувале единствено 358.000 патници. И покрај ниската заинтересираност и малиот број на патнички возови, македонската влада со претстојниот буџет за 2018 година планира да одвои 415 милиони денари за Македонски железници – Транспорт како финансиска помош за покривање на загубите од патничкиот сообраќај.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk