Граѓаните од југоисточниот дел на земјава утре ќе организираат протест пред седиштето на владата во Скопје за запирање на изградбата на рудникот Казандол во Валандово. Покрај во главниот град, во Валандово во истото време ќе се одржи паралелен марш во организација на здруженијата „Спас за Општина Валандово“ и „Југоистокот против рудници“. Скопскиот протест е поддржан од невладината организација „Плоштад Слобода“, која ги повикува сите граѓани на Скопје да им се придружат на активистите.
„Да покажеме солидарност со нашите сограѓани, да покажеме став против, да побараме итно сопирање на изградбата на рудникот! Да се собереме пред Влада на РМ да го покажеме нашиот протест и директно да го доставиме барањето за мораториум на граѓаните од Југоистокот“ се наведува во повикот до граѓаните.
Граѓанската иницијатива за запирање на изградбата на рудникот Казандол веќе резултираше со одржување на три референдуми во Валандово, Богданци и Дојран. И покрај ваквите активности на невладиниот сектор, изградбата на рудникот за катоден бакар во Казандол, Валандовско не е сопрена. Изградбата на идниот рударски капацитет се одвива речиси една и пол година, а англиско-украинската компанија „Сардич МЦ“ во овој проект сака да инвестира 35 милиони евра.