Министерството за економија со буџетот од 2018 година ќе одвои 45 милиони денари субвенции за граѓаните за спроведување на мерките за енергетска ефикасност. Со овие средства ќе се поттикнува купување на нови печки за греење на пелети, вградување на сончеви колектори и изведба на нови ПВЦ и алуминумски прозорци во домовите. „Од следната година домаќинствата ќе имаат на располагање дополнителна, нова мерка – за купување на ефикасни печки за греење на пелети“ изјави министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес – конференција.
Тој појасни дека со годинешниов буџет се издвоиле 36 милиони денари за субвенционирање на граѓаните при купувањето на сончеви колектори и вградување на нови прозорци во домовите. Со ребалансот на буџетот за 2017 година биле обезбедени дополнителни 16 милиони денари за мерката за замена на старите прозорци во становите на граѓаните, така што бројот на корисници на оваа мерка бил зголемен на 1.327. Воедно, со ребалансот на буџетот за 2017 година имало обезбедено дополнителни средства и за вградувањето сончеви колектори, со што рекордни 1.794 домаќинства обезбедија нови уреди за затоплување на водата во нивните домови.
Повиците за субвенционирање на граѓаните вообичаено се објавуваат на почетокот од годината, додека пријавувањето на граѓаните се одвива во период од неколку месеци.