Во ЕУ Инфоцентарот во Скопје денеска беше промовирана проектната документација за изградба на железничката пруга од Кичево до албанскиот град Лин. Европската унија обезбеди 7,7 милиони евра за подготовка на документацијата за железничката линија во должина од 62,5 километри. „Ова е навистина важно за социо – економскиот развој на Европа и претставува сигурна амбиција на ЕУ да ги поврзе сите пазари и граѓани“ изјави амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески нагласи дека за целиот проект ќе бидат потребни околу половина милијарда евра, потенцирајќи го барањето за поддршка од Европската унија. Директорот на Македонски железници – Инфраструктура Ирфан Асани изјави дека активностите за изработка на проектната документација за оваа пруга биле започнати во 2009 година. Консултантската компанија била ангажирана за подготовка на деталниот проект, за целосно тендерско досие за договор на градежни работи и за тендерско досие за услуги на надзор на договорот за градежни работи.
„Подрачјата кои се однесуваат на новата планирана железничка линија се наоѓаат во западниот дел во нашата земја, почнувајќи од постојната железничка станица Кичево, се протегаат на новите предвидени стојалишта Брждани, Пресека, Издеглавје, новите станици Мешеишта и Струга и новото последно предвидено стојалиште Радожда“ изјави директорот Асани. Според најоптимистичкото сценарио, изградбата на железничката пруга од Кичево до Лин би се завршила најрано до 2022 година.
Денешниот настан беше организиран од Делегацијата на Европската унија во Скопје и конзорциумот на проектантот, предводен од шпанската компанија „Типса“.