Јавното претпријатие за државни патишта денеска објави оглас за избор на проектант што ќе го изработи инфраструктурниот проект за автопатската делница од кичевското село Букојчани до Кичево, дел од планираниот автопат Гостивар – Букојчани – Кичево со вкупна должина од 42 километри. Станува збор за варијанта на трасата што вклучува и тунел. Најповолниот понудувач ќе има рок од четири месеци за да го изготви инфраструктурниот проект, додека самиот договор за реализација на проектантските услуги е со времетраење од 10 месеци. Проценетата вредност на оваа проектна документација е околу 2,4 милиони денари. Заинтересираните компании имаат рок до 20 декември за да ги достават своите понуди до Јавното претпријатие за државни патишта.
Изработката на инфраструктурниот проект следува по комплетирањето на основниот проект за автопатската делница од Букојчани до Кичево. Основниот проект беше подготвен од „Балкан консалтинг“ од Скопје, а финансиски средства за овој сегмент од паневропскиот Коридор 8 треба допрва да се бараат. Претходната влада планираше автопатот да го гради по пат на јавно – приватно партнерство.