Во катастрофалните поплави во Полошкиот регион од август 2015 година загинаа шест лица и беше причинета материјална штета од 21 милион долари. Поплавите во Полошкиот регион не претставуваат новина, ако се земе во предвид фактот дека регионот под Шара бил најризичен од вакви природни катастрофи во изминативе пет децении. Како резултат на оваа опасност, во наредните четири години ќе се спроведува проектот „Намалување на ризикот од поплави во Полошкиот регион“. На Попова Шапка денеска беше потпишан договорот за реализација на овој проект, којшто треба да се комплетира до декември 2021 година.
Договорот го потпишаа министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, претседателката на Советот на Полошкиот регион Теута Арифи, постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон и заменик амбасадорот на Швајцарија во нашата земја Стефан Томаџан. Заменик амбасадорот Томаџан истакна дека скапата инфраструктура не е единствената работа неопходна при заштита од поплави. Тој нагласи дека воведувањето на интегриран систем за превенција е многу позначаен приоритет за Полошкиот регион.
Постојаниот претставник на УНДП Луиза Винтон изјави дека во Полошкиот регион веќе помогнале при санирањето на најкритичните точки од браните на реката Пена во Тетово. УНДП во наредниот четиригодишен проект ќе раководи со имплементацијата на новиот проект, со кој се предвидени неколку приоритети за реализација. Димитрија Сековски, во својство на менаџер на проектот, ги нагласи најважните приоритети во однос на сето она што ќе се работи во наредниот период.
Главната компонента на проектот е инвестирање во инфраструктурни и неинфраструктурни проекти во насока на идно превенирање од поплави. Од Швајцарската агенција за развој и соработка се обезбеди 3.257.238 американски долари, додека од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија се доделени 247.000 американски долари за подготвителната фаза од проектот. Од оваа швајцарска институција во наредниот период ќе одвојат дополнителни средства за проектот, но Швајцарците очекуваат и вклучување на општините со сопствени инвестиции во проектот. „Најдобри резултати се постигнуваат кога имаме големи, робустни проекти“ изјави Димитрија Сековски.
Во наредниот период најпрво ќе се работи на разбирање на ризикот од поплави во Полошкиот регион со и без имплементираните мерки, при што изработката на планот ќе започне во наредните недели. Во следните етапи ќе биде воведен систем за навремено предупредување од поплави за самите жители на регионот, кој треба да обезбеди известување за непосредна опасност во период од 10 до 15 минути. Фокусот на проектот ќе биде ставен на решавање на проблемот со речните поплави, но и на контрола на атмосферските води.
Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки им се заблагодари на УНДП и на Швајцарската Конфедерација за отпочнатиот проект, додека тетовската градоначалничка Теута Арифи не пропушти да спомене дека УНДП била првата институција од која добиле помош по поплавите од август 2015 година.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk