Претходна статија
ЕЛЕМ ќе ги поддржи младите иноватори од тимот „Свифт“
Следна статија
Од утре почнува забраната за движење возила на Водно за викенд

Општина Центар детално ќе испита што и како е градено од „Скопје 2014“

Објавено на 23.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ информираше дека локалната самоуправа во моментов врши комплетна ревизија и проверка на неколку објекти и споменици од проектот „Скопје 2014“. Меѓу нив се споменикот на Ќосето кај Судска палата, за кој се проверува дали има добиено одобрение за градба, недограденото обележје на Мајка Тереза, Градската куќа и хотелот на плоштад „Македонија“ и мостот „Око“. Целокупната постапка се води во соработка со Основното јавно обвинителство, Специјалното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи.

 

„До последен милиметар ќе се испитува што и како е градено, како е продавано дел од земјиштето. Во комисијата се вклучуваат и правници и урбанисти и стручни лица за јавни набавки. Веќе до некои сознанија ќе дојдеме многу брзо, до крајот на годината, а некои кои што ќе се комплексни, ќе почнат по Нова Година“ изјави градоначалникот Саша Богдановиќ. Од понеделник ќе се одржи средба во Град Скопје за спорната тераса на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Градоначалникот Саша Богдановиќ најави дека ќе биде отстрането сето она што е незаконски изградено.

 

 

Тој најави дека во најскоро време ќе го реши проблемот со префрлањето на неизграденото државно земјиште во владение на Општина Центар. „Во разговори сме со Министерството за транспорт и врски и очекуваме дека од 2018 година да располагаме со ова земјиште“ изјави градоначалникот Богдановиќ. Во однос на катната гаража спроти Музејот на град Скопје, тој напомена дека за оваа катна гаража се поднесени две кривични пријави за екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и за неговиот наследник, но ништо не е преземено до денешен ден.

 

Првиот човек на општина Центар најави проекти што ќе се реализираат во текот на наредната 2018 година. Ќе се градат монтажни паркинзи на две локации во центарот на Скопје, ќе се обноват десетина фасади на стари станбени згради во населбите Пролет, Дебар Маало и кај „Кјуби“. Во 2018 година ќе започне изградбата на нова детска градинка во населбата Маџир Маало и ќе се обнови зеленилото во централното градско подрачје, вклучувајќи го и Паркот на Франкофонијата.