По една и пол година од почетокот на градежните работи, шпанската градежна компанија „Конструксионес Рубау“ бара дополнителен рок за довршување на првата фаза од изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп. Станува збор за трасата од Фаришка до Дреновска клисура, во должина од 10 километри. Договорот за избор на овој изведувач беше потпишан во јануари 2016 година, при што градежните работи требаше да се завршат до почетокот на 2018 година. Од Министерството за транспорт и врски денес единствено соопштија дека претставници на „Рубау“ имале средба со министерот Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.
Од надлежното министерство уште пред неколку месеци посочија на проблемите со кои се соочила оваа компанија при изведбата на градежните работи. Дел од нив, како што е експропријацијата на земјиштето и појавата на археолошки наоѓалишта, беа споменати и денес. „На состанокот ги разгледавме причините поради кои се доцни со реализација на овој проект. Тие понудија дополнителен рок во рамките на кој очекуваат да ја завршат изградбата на делницата Фаришка – Драновска клисура од експресниот пат Градско – Прилеп. Во наредниот период ќе ги разгледаме нивните предлози, но она што сакам да го потенцирам е дека ќе побараме од изведувачот квалитетна изградба на овој патен правец“ изјави министерот Горан Сугарески.
Првата фаза од изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп предвидува целосно нова траса, која треба да има ширина од 12,4 метри, со по една главна лента од 3,5 метри и дополнителна помошна лента од 2,5 метри во секој правец.