Само 2% од жителите на Скопје целосно го селектираат отпадот што го фрлаат, додека 5,7% од нив го фрлаат сметот во посебни контејнери за селекција на отпад. Анкетата на 300 испитаници од главниот град, спроведена од здружението на граѓани „Гоу Грин“, со сите негативни резултати во себе, денеска беше претставена на јавната дебата „Дали го селектираме отпадот во нашите домови“ што се одржа во Скопје. Ниското ниво на свесност кај граѓаните го предизвика заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули да најави нов правец во третирање на отпадот во земјава.
Заменик министерот Макрадули најави активности за воспоставување на интегриран пристап кон третирањето на комуналниот отпад, односно вклучување на различни учесници во него – националните и локалните власти, приватните компании и граѓанското општество. Покрај ангажманот на институциите, министерот Макрадули истакна дека е потребно создавање на неопходната инфраструктура за селекција на отпадот, но и промена на свеста кај граѓаните при третманот на сметот што го фрлаат. Денешниот настан се одржа во рамките на македонското учество во Европската недела за намалување на отпадот.
Вистинска потврда на анкетното истражување на „Гоу Грин“ се минатогодишните податоци за отпадот на Државниот завод за статистика. Статистичарите пресметале дека дури 22% од населението во нашата земја во 2016 година не користело комунални услуги за собирање на отпадот. Во случаите кога не го расфрламе ѓубрето по околната средина, дури 543.644 тони од комуналниот отпад завршува на депониите како неселектиран, односно 89% од сето она што се фрла како смет.