Претходна статија
Фабрика Карпош АД Скопје со намалена добивка во првите девет месеци
Следна статија
Се обновува коловозот на автопатот на влезот во Скопје

Првите три елаборати ги потврдија неправилностите околу „Скопје 2014“

Објавено на 13.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерството за култура ги подготвило првите три елаборати што го утврдуваат начинот на кој се одвивала изградбата на споменикот „Воин на коњ“, скулптуралната композиција „Мајка Тереза“ и споменикот на Андон Јанев – Ќосето. Оформената работна група за „Скопје 2014“ утврдила низа неправилности и незаконитости при реализацијата на овие обележја, кои се детално објаснети во трите доставени елаборати до министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Тој појасни дека во моментов се расчистуваат надлежностите на институциите кои стојат зад овие споменици.

 

 

Процедурата е комплексна, поаѓајќи од фактот дека Министерството за култура, Град Скопје и Општина Центар се три различни инвеститори на секој одделен споменик. Дополнително, локалните власти од Центар уште пред неколку години се откажаа од одржувањето на нивните споменици и ги пренесоа надлежностите за одржување на Градот Скопје. Министерот Алаѓозовски денеска не излезе со конкретен рок во однос на дислокацијата на овие три споменици од центарот на Скопје. Министерството за култура ќе продолжи со изготвувањето на елаборатите за останатите објекти од „Скопје 2014“.

 

Од владата пред неколку недели најавија дека прв на листата за дислокација е споменикот на Андон Јанев-Ќосето. Ревизијата на неправилностите следува паралелно со стопирањето на проектот за менување на модернистичките фасади на објектите во центарот на Скопје, за што новиот скопски градоначалник Петре Шилегов презеде мерки уште на самиот почеток од неговиот мандат.