Претходна статија
За еден месец ќе почне изградбата на експресниот пат Штип - Радовиш
Следна статија
Државата ќе исплати 500.000 евра субвенции за вградени ПВЦ и алуминиумски прозорци

Најавени мерки за ублажување на загадувањето во Скопје

Објавено на 08.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Градот Скопје ќе иницира законски измени со кои секое возило би добило налепница за тоа колку загадува. Врз оваа основа, градските власти потоа ќе можат да ги исклучуваат оние возила што најмногу придонесуваат за загадувањето на воздухот. Оваа мерка денеска ја предложи градоначалникот Петре Шилегов на одржаниот координативен состанок за аерозагадувањето во Скопје. Истовремено, градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ денеска ги најави своите мерки за справување со загадениот воздух – забраната за градење во зимските месеци, изведбата на вертикални зелени градини и кула за прочистување на воздухот.

 

*Извор на фотографија: Град Скопје

 

Најавените мерки на локалните власти доаѓаат по одржаниот координативен состанок со градоначалниците, претставниците на централната власт и УНДП во однос на ова прашање. УНДП денеска ја претстави студијата за основните патокази по кои би требало да се движат Градот Скопје и општините во наредните 10 години. Во нивната студија е наведено дека главен извор на загадувањето на воздухот во Скопје е греењето на домовите со дрва. Воедно, голем придонес во аерозагадувањето има и палењето на пластика, лакирани материјали, јоргани, облека и друго ѓубре на бројни локации низ градот.

 

Од УНДП предлагаат три мерки за долгорочно намалување на загадувањето на воздухот во Скопје. Првата мерка е зголемување на користењето на парното греење во домовите на граѓаните. Втората мерка е да се заменат старите печки на дрва со нови грејни тела во оние делови на градот каде што не е достапно парното греење. Третата мерка предвидува инвестирање во енергетска ефикасност, поаѓајќи од фактот дека над 50% од објектите во Скопје не ги задоволуваат мерките за заштеда на енергија.

 

„Очекувам дека многу брзо, во текот на оваа недела ќе излеземе заеднички со определени мерки, коишто потоа ќе ги имплементираме секој во рамките на својата надлежност, за да може на граѓаните на Скопје оваа сезона, колку толку да имаат поквалитетен воздух. За мене е многу битно што за првпат почнува системски да се решава проблемот со загадениот воздух и околината“ изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов.