Паркирањето во центарот на Скопје во деновите на високо загадување на воздухот ќе биде поскапено. Ова е една од мерките што ги најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов во однос на паркирањето во главниот град. Тротоарите и пешачките зони во централното градско подрачје постепено ќе се ослободуваат од паркираните возила, додека за жителите на Центар ќе се воведе резиденцијално паркирање за нивните возила. Меѓу идеите на новиот скопски градоначалник е и скалестото поскапување на цените за паркирање, но и истовремено намалување на цената на билетите во автобусите од јавниот градски превоз.
Сепак, новиот градоначалник на Скопје не планира да го укинува зонското паркирање. Тоа беше воведено во 2009 година, иако тогашната идеја беше дека со системот за наплата ќе се воведе ред во паркирањето во главниот град. Се изградија и нови катни гаражи и монтажни објекти во градот, но тие не успеаја да го решат проблемот со паркирањето. Главната причина за тоа е континуираниот раст на бројката на возила по глава на жител во Скопје. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, бројката на нови возила воведени во сообраќај во Скопје се зголемила за фантастични 60.000 автомобили во периодот од 2007 до 2015 година.